На 27 октомври 2014 година, Нансен дијалог центар Скопје го одбележа започнувањето на проектот „Нансен модел за интегрирано образование“ во ООУ „Братство- Миѓени“ и ССОУ „Моша Пијаде“ во општина Тетово. Во проектот ќе бидат вклучени дел од учениците, родителите и наставниците (Македонци и Албанци) со цел да се зголеми соработката и степенот на интеграција.

На официјалното одбележување на започнувањето на проектот присуствуваше Министерот за образование и наука, г. Абдулаќим Адеми и советникот на министерот и воедно координатор за соработка со НДЦ Скопје, г. Сафет Незири. На настанот присуствуваа и претставници од Општина Тетово, претставници на просветниот инспекторат, директори на училишта и наставници.

Нансен моделот за интегрирано образование се имплементира преку три основни програми: интегрирани воннаставни активности за учениците, програма за обука на наставниот кадар и стручните служби и програма за соработка со родителите.

Нансен дијалог  центар Скопје ги обезбедува годишните наставни програми  за интегрирани воннастани активности, програмите за соработка со родителите, стипендии за обука за наставниците кои непосредно ќе ги имплементираат интегрираните воннаставни активности. При имплементацијата на проектот се обезбедуваат дидактички средства, целосна стручна литература за наставниците и учениците како и стручно- консултативна помош при реализација на Нансен моделот за интегрирано образование.

Јазичната бариера се надминува преку заеднички  интегрирани воннаставни активности,  меѓусебно запознавање, надминување на разликите и толеранција.

Договорот за соработка меѓу општина Тетово и НДЦ Скопје  беше потпишан на 23 јануари 2014 година. Проектот ќе биде реализиран од страна на Нансен дијалог центар Скопје и општина Тетово со финансиска поддршка на МНР на Кралството Норвешка.